Уапсен е утрово Радиша Блажиќ (58), таткото на убиецот од Младеновац, тој се товари за кривично дело недозволено изработување, држење оружје и експлозивни направи.
Уапсен е за да се утврдат фактите, пишуваат српските медиуми.
Кај него, според информациите, биле пронајдени неколку стотини куршуми со различен калибар, рачно изработена направа, еден пиштол и еден револвер, како и неколку оптички нишани.
Блажиќ во полиција добил притвор во траење до 48 часа, по што ќе биде предаден на надлежното Обвинителство.
Радиша Блажиќ е поранешен припадник на војската на Србија. На неговиот син, кој е осомничен за осумкратно убиство, му е одредена мерка притвор до 30 дена.
21-годишниот Урош Блажиќ минатиот петок вооружен со автоматско оружје тргнал во крвава пресметка во која наизменично пукал во соседите кои ги затекнал во три села. Тој е уапсен во полициска акција, по 9-часовна потрага, кога бил пронајден во крагуевачкото село Вињиште.