Телото извлечено денеска попладне од водите на Охридското Езеро, во близина на селото Трпејца, е на 52-годишен нуркач од Бугарија кој исчезна за време на длабинско нуркање. Очевидци изјавија дека починатиот бил облечен во целосна нуркачка опрема.
Несреќата се случила околу 13:15 часот, кога нуркачот се спуштил на приближно 89 метри длабочина, на подрачјето над селото. По пријавувањето на исчезнувањето, во потрагата биле вклучени екипи од Езерската полиција, нуркачи на Црвениот крст и членови на клубот „Амфора“.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, потврди дека телото било пронајдено на голема длабочина и извлечено од езерото. Засега, причините кои довеле до трагичниот настан не се утврдени.