Пропадна и последниот обид за формирање влада во Бугарија
Предвремени парламентарни избори ќе се одржат во Бугарија, откако пропадна и последниот обид за формирање влада, изјави бугарскиот претседател Румен Радев, по враќањето на третиот мандат за состав на извршна власт.
Откако водечките партии одбија да ја преземат одговорноста за формирање влада, Радев ѝ ја понуди последната можност на Алијансата за права и слободи, но и таа партија го отфрли мандатот, со што стана трета политичка опција што го направи тоа во текот на оваа недела, пренесува Ројтерс.
„Одиме на избори“, рече Радев.
Бугарската телеграфска агенција (БТА) денес објави дека Алијансата за права и слободи го вратила третиот мандат неисполнет, веднаш по неговото предавање од страна на претседателот.
Претседателот на парламентарната група на Алијансата за права и слободи, Хајри Садаков, изјави дека одлуката е донесена од страна на пратениците.
„Нашата парламентарна група ме овласти да го вратам третиот мандат неисполнет, за да можеме заеднички да спроведеме фер, транспарентни, слободни, демократски избори“, рече Садаков.
Само два дена претходно, реформистичката парламентарна група ПП-ДБ го одби барањето на претседателот Румен Радев да се обиде да формира нова влада.
Претходно, на 12 јануари, и најголемата парламентарна група во Бугарија, десноцентристичката коалиција ГЕРБ-СДС, го отфрли мандатот за формирање влада што ѝ го додели претседателот.
Коалициската влада на премиерот Росен Жељасков, која беше поддржана од ГЕРБ-СДС, поднесе оставка минатиот месец по протестите против корупцијата и новиот буџет.
Со најавените избори, Бугарија ќе ги одржи осмите парламентарни избори во изминатите четири години.
На последните парламентарни избори одржани во октомври 2024 година победи коалицијата ГЕРБ-СДС, но власта ја презеде дури во јануари 2025 година, по повеќемесечни преговори и со поддршка на други партии во поделениот парламент.
Иако Бугарија се приклучи на еврозоната на 1 јануари, според Ројтерс, земјата има потреба од политичка стабилност за побрзо користење на средствата од Европската Унија и за привлекување странски инвестиции.
