Просечната исплатена нето-плата во мај порасна за 11 отсто, највисок раст имало во финансискиот секттор

Просечната нето-плата во мај изнесувала 45.796 денари, соопшти Државниот завод за статистика. Тоа претставува зголемување од 11 отсто во споредба со истиот месец лани.

Од Заводот информираат дека порастот на просечната нето-плата се должи пред сè на повисоките исплати во неколку сектори. Во секторот Финансиски дејности и осигурување платите пораснале за 23,9 отсто. Во Трговијата на големо и мало, како и во поправката на моторни возила и мотоцикли, растот бил 15,1 отсто. Во Образованието биле регистрирани 14,4 отсто повисоки плати.

Во однос на април, просечната плата  исто така се зголемила. Најголемо месечно зголемување има кај секторот Финансиски дејности и осигурување – 13,5 проценти. Трговијата и поправката на возила забележале пораст од 5,4 отсто. Во секторот Рударство и вадење камен, платите пораснале за 5,1 отсто.

Просечната бруто-плата по вработен за мај 2025 изнесувала 68.859 денари.