Основното јавно обвинителство во Кочани донесе наредба за проширување на истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“. При што осомничени се нови 19 лица. Сите се обвинети за „тешки дела против општата сигурност“. Согласно член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Овие лица, се обвинети за пропусти и незаконити дејствија кои довеле до сериозна опасност за животот и имотот на луѓето.
Осомничените се службени лица кои во периодот од 2012 до 16 март 2025 година не ги спроведувале прописите за безбедност. Ова стои во соопштението на Државното обвинителство
Како резултат на нивните пропусти, дискотеката „Пулс“ продолжила да работи. Работела без да ги исполнува законските услови за безбедност, што довело до трагичниот пожар на 16 март 2025 година.
НОВИ АПСЕЊА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ: Приведени двајца поранешни министри, поранешен и актуелен директор
Во инцидентот, кој се случи за време на настапот на музичката група ДНК, загинаа 61 лице, меѓу кои шест деца. 197 лица, вклучувајќи 25 деца, беа повредени. Истрагата покажала дека пожарот бил предизвикан од користење пиротехнички средства во затворен простор.
Меѓу осомничените се овластени инспектори од Општина Кочани, директори од Дирекцијата за заштита и спасување, како и министри и државни секретари. Тие се обвинети за тоа што не презеле соодветни мерки. Требало да обезбедат безбедност во дискотеката, иако биле свесни за неисполнувањето на законските норми.
До крајот на денот, Основното јавно обвинителство Кочани ќе достави предлози до Основниот суд во Кочани за определување соодветни мерки за обезбедување присуство на новоосомничените лица.
Со ова, бројот на осомничени во врска со пожарот во „Пулс“ достигна 45 физички лица и три правни лица. Се очекува истрагата да продолжи, додека за еден од осомничените, кој починал од повредите стекнати во пожарот, ќе биде запрена постапката.
Извор: Миа