Основното јавно обвинителство во Охрид презема интензивни дејствија за евентуално проширување на истрагата и поднесување кривична пријава за помагање при извршување на кривично дело против таткото на осомничениот Кристијан Корабоски.

„Моментално се работи на прибирање на докази, по што ќе се оцени дали и таткото ќе добие кривична пријава“, велат од Обвинителството.

Во притвор во Затворот во Охрид во моментов се наоѓа Кристијан Корабоски, кој се товари за сторени три кривични дела, односно тешка телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

Семејството на оштетената девојка претходно преку социјалните мрежи сподели вознемирувачки информации за текот на настанот, наведувајќи дека откако осомничениот физички ја нападнал и претепал, ја возел во автомобил и во алкохолизирана состојба барал помош од својот татко за да повикаат познаници со цел да се ослободат од телото, мислејќи дека девојката веќе им подлегнала на повредите.