Најстариот син Методиј (околу 810) и намладиот син Константин/Кирил (826/827) се двете од седумте деца на таткото Лав, помошникот на воениот командант на солунската област и на мајката Марија, жена од угледно семејство познато и на царскиот двор, кои истријата понатаму ги препознава како светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските просветители, творци на глаголицата, писмо на кој е создаден старословенскиот јазик, најстариот словенски литературен јазик. Во славистиката македонската терорија за народната основа на најстариот словенски јазик ја поставуваат Ватрослав Јагиќ (1838 – 1923) и Ватрослав Облак (1864 – 1896) и денес таа теорија претставува вистина што не подлежи на никакво проверување. Старословенскиот јазик е заснован на говорите од македонските Словени што живееле во околината на Солун во средината на IX век.
Светите браќа Кирил и Методиј, раѓајќи се во стабилно материјално семејство, со и високоцената позиција во општеството, можеле да ја продолжат инерцијата на комоцијата што им ја давала општествената хиерархија и да останат анонимни како и другите пет деца на Лав и Марија, задоволувајќи се со актуелниот државнички конформизам. Но напротив, со својата посветеност и пожртвуваност, тие ја напуштаат комфорната зона, ги поставуваат темелите на словенската книжевна писменост, и со тоа го подигнуваат степенот на живеење на словенскиот народ, создавајќи услови за нова димензија на делување на словенскот род и квалитативно збогатување на светското семејство на народите. Со други зборови, тие овозможиле второ раѓање на цел еден народ, и тоа го прават преку културата во чија, пак, основа е сместен јазикот. Од тој словенски род понатаму се изродиле словенските народи, денес класифицирани како источни, западни и јужни Словени, сите со свои јазици. Ова разгранување на Словените, всушност, претставува материјализирање на мислата од Борис Бошкоски (1915 – 2004), првиот ректор на Македонската православна богословија, дека „…народите имаат право да се ројат!“
Геополитичките процеси, кои никогаш не прекинуваат – затоа и се процеси, инаку би биле состојби – за луѓе подвижници, како што се светите браќа Кирил и Методиј, секогаш се поттик и инспирација за големи дела со историска димензија. Тогашниот наметнат елитизам дека само одредени јазици, латинскиот и старогрчкот, ја имаат привилегијата да бидат носители на писменоста, науката, културата и религијата, за светите браќа се мотив да ги постават темелите на самостојно критичко размислување, а со тоа да бидат и авангарда на своето време.
Независно од моментот што во нивното делување има тогашна геополитичка основа, т.е. одбрана и зацврстување на државната формација на која ѝ припаѓаат, Византиската Империја, во сржта на нивното дело лежи просветителството, односно образованието како алатка за делување. Оттука ја гледаме и моќта на степенот на образовение на еден народ и ден денешен, кога повторно заради геополитички процеси има засилени обиди за оспорување на македонското право на постоење, т.е. културолошко потиснување!
Од крајот на 19 до средината на 20 век македонскиот идентитет добива стабилно теориско дефинирање, а македонските интелектуалци тогаш нагласуваат дека сопреништвото меѓу балканските земји на темата Македонија не е толку за политичка или воена превласт колку што е културолошката доминација врз неа. И сега, ако се направи споредба со просветителското делување дело на светите браќа, се доаѓа до заклучок дека образованието и културата, во чие средиште е јазикот како средство за разбирање, но и пренесување на знаења, вештини и мисли, е намоќното орудие за раѓање и опстојување на еден народ, во случајов – македонскиот народ.
М-р Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство за Нова Македонија