Сомнеж за организирано палење – јавноста шокирана

Пожарот што избувна на падините на Скопска Црна Гора, според достапните информации и фотографиите објавени во медиумите, е резултат на намерно подметнување од засега непознати сторители. Како што објави порталот Курир, на местото каде започнал пожарот се пронајдени пелети, што укажува на намера за потпалување со цел да се предизвика шумски пожар.

  • „Како што може да се забележи од самите фотографии, некој намерно подметнал пелети и го предизвикал пожарот, а со цел да се запали шумата“, повикувајќи се на извори од терен.

Ова не е првпат да се случи ваков случај. И во минатото, јавноста беше сведок на серија наменски предизвикани пожари кои резултираа со огромни штети врз шумскиот фонд низ Македонија.

Воведена целосна забрана за движење во шуми до крајот на август

Со оглед на зголемената опасност од пожари во летниот период, од 1 јули до 31 август 2025 година е воведена целосна забрана за движење во шуми и шумско земјиште на територијата со која стопанисува ЈП „Национални шуми“. Забраната е на сила 24 часа дневно и ќе се применува на целата територија под надлежност на претпријатието, освен за оние кои ќе имаат писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП.

  • Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дало согласност за оваа мерка согласно член 57, став 3 од Законот за шумите.

За сите физички лица кои ќе бидат затекнати во шума или шумско земјиште без соодветна дозвола, предвидена е глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност, согласно член 106 од истиот закон.

Апел за почитување на мерките и пријава на сомнително однесување

И покрај официјалната забрана, подметнувањето пожари претставува сериозен безбедносен и еколошки ризик. Надлежните институции апелираат до граѓаните да не се движат во шума без дозвола, и воедно да пријават секое сомнително однесување или лице кое може да биде поврзано со палење на пожари.

Секој обид за потпалување шумски предели ќе биде третиран како тешко кривично дело, а институциите ќе преземаат најстроги мерки.