Унапредување на трговската размена, зголемување на инвестициите во повеќе области, отворање откупни центри во повеќе региони и соработка меѓу инспекциските служби за полесен извоз на македонските производи во Руската Федерација се темите за кои разговара владината делегација предводена од вицепремиерот Љупчо Николовски на Меѓународниот економски форум што се одржува во Санкт Петербург.

Од Кабинетот на вицепремиерот Николовски информираа дека тој одржал работни средби со ко-претседателот од руската страна на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-екононска и научно техничка соработка Алексеј Груздев и со заменикот-министерот за земјоделство на Руската Федерација, Сергеј Левин.

На средбата со Груздев е разговарано за зголемување на соработката во областа на туризмот и за унапредување на трговската размена. На состанокот била отворена и темата за зголемување на инвестициите во различни сектори меѓу кои како најзначајни биле потенцирани инвестициите во обвновливите извори на енергија, управувањето со отпадот и пречистителните станици, како и инвестициите во производствени капацитети.

На средбата со заменик-министерот за земјоделство Левин разгледани се можностите за зацврстување и проширување на билатералната соработка во земјоделството. Двајцата соговорници ја потврдиле досегашната соработка и ја потенцирале потребата од продлабочување и зајакнување на соработката во земјоделскиот сектор преку организирање бизнис форум меѓу компании од двете земји, отворање откупни центри во повеќе региони и соработка помеѓу инспекциските служби за полесен извоз на македонски производи во Руската Федерација.

Во текот на денешниот ден, вицепремиерот Николовски ќе присуствува на панел дискусија на тема „Односите на Руската Федерација и ЕУ – одговор на предизвиците од денешницата“.

Економскиот форум во Санкт Петербург се одржува од 1997 година, а од 2006 година е под покровителство на претседателот на Руската Федерација. Во текот на последните 24 години, Форумот е водечка глобална платформа за членовите на деловната заедница да се состанат и да разговараат за клучните економски прашања со кои се соочува Русија, пазарите во развој и целиот свет. Годинашниот меѓународен економски форум се фокусира на глобалните и руските економии, социјалните теми и технолошкиот развој.