Здруженијата „Од нас за нас“ и „Слобода и правда“ денеска со протестен караван со автомобили и вклучени сирени побараа учебната година да продолжи со физичко присуство и без протоколи за децата, а се и со категоричен став дека маските не треба да се носат во училиште.
-Ние како здружение излеговме со став уште на 30 август дека поддржуваме физичко присуство без никакви протоколи за децата. Се уште сме на тој став и сметам дека децата треба и е потребно да бидат во училишните клупи и заради подобро образование и заради нивната дружба, меѓутоа маските, особено маските од сите протоколи, не треба да ги носат, рече Гордана Гоџо, претседателка на Здружението „Од нас за нас“.
Од Здружението „Слобода и правда“ од Струмица велат дека со актуелните протоколи се кршат повеќе закони и голем број човекови права.
-Имаме повторно поднесено барање до училишните одбори да ни кажат дали тие ги имаат усвоени протоколите, а ако не по кој закон и по која основа ги применуваат протоколите, рече Лидија Панова од Здружението „Слобода и правда“.