Со патнички возила и вклучени сирени тие организираа протестен караван низ централните улици во градот и побараа укинување на актуелните здравствени мерки кои ги оценуваат како недемократски и неуставни кои го ограничуваат правото на движење. Не се против вакцинацијата, но потенцираат дека таа не треба да биде обврска.

-Мерките за справување со здравствената ситуација во земјата ги оценуваме како недемократски и сегрегирачки. Ние сметаме и веруваме дека секој треба да има право на избор и нагласуваме дека не сме против вакцинацијата, туку секој да има право на свој избор, рече Лидија Панова – овластено лице на ЗГ „Слобода и правда“.

Граѓаните кои во август започнаа да протестираат како неформална иницијатива веќе преминале во повисока форма и во иднина ќе делуваат како официјално здружение.

-Како повисока форма на здружување се формира и здружение за заштита на човекови слободи и права,, Слобода и правда,, од Струмица кое ќе работи на подигање на свеста на граѓаните за сите човекови слободи и права, за нивната примена и за нивното остварување по институционален пат, рече Панова.

Од здружението Слобода и правда најавуваат дека нивните протести ќе траат се додека се активни и мерките против корона вирусот. Во меѓувреме најавуваат и други облици на делување чија цел ќе биде подигање на свеста на граѓаните за човековите права и слободи.