Граѓански отпор и стравови во пресрет на промените

Софија и неколку други бугарски градови беа зафатени од серија масовни протести против планираното воведување на еврото како национална валута од 1 јануари 2026 година. Најголемиот протест се одржа во главниот град, каде демонстрантите го блокираа сообраќајот на централниот плоштад и маршираа низ улиците, барајќи оставка од властите.

Масовни протести во Бугарија поради воведувањето на еврото: Граѓаните стравуваат од поскапувања

Организатор на протестите беше граѓанската иницијатива „Разбудени“, која изрази длабока загриженост поради можното покачување на цените и недоверба во институциите за фер и транспарентна замена на валутата.

  • „Сè ќе поскапи, цените ќе се кренат, ситуацијата ќе стане многу лоша. Сега мафијашите само ги лажат луѓето“, изјави еден демонстрант.

  • „Одете веднаш и видете ги цените во моментот како се еднакви на еврото. Цент по цент тоа се многу пари. Сакаме да си го зачуваме нашиот суверенитет. Тоа е пред сè, сакаме да бидеме независни. Сакаме ние да работиме со нашата валута, а не таа да работи со нас“, порача друг демонстрант.

  • „Еврозоната целосно е потоната во страшни долгови и не гледам како ќе биде подобро откако ќе влеземе во неа“, предупреди трет граѓанин.

Стручните ставови: „Доаѓањето на еврото е добредојдено“

И покрај силниот отпор од дел од населението, бројни бугарски економисти и јавни личности го поддржуваат влезот во еврозоната, укажувајќи на економските придобивки за бизнисите и домаќинствата. Екс вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Николај Василев, остро реагираше на протестите и нагласи дека Бугарија значително доцни со оваа интеграција.

  • „Се променува само на добро. Јас сум од оние луѓе кои секогаш, значи секогаш, отприлика од 2005 година, кога државата го потпиша договорот за приклучување кон ЕУ, оттогаш сум за Бугарија што побрзо да се приклучи и кон еврозоната“, рече Василев.

  • „Какво изненадување, зборуваме за 2026 година. Тоа е едно цело поколение. Односно, за мене ние доцниме со 15 години“, додаде тој.

Протести и во други градови – политичка поддршка од десницата

Протести против воведувањето на еврото вчера се одржаа и во Варна, Јамбол, Велико Трново, Плевен, Хасково и Русе. Главен организатор на протестите е крајно десничарската партија „Преродба“. Таа е позната по нејзината антиевропска реторика и залагање за зачувување на бугарскиот лев.