Со поддршка за родителите, за правдата да излезе на виделина, и со пораки за итни промени во здравството, доцна синоќа голем број граѓани во Битола и во Скопје излегоа на мирен протест револтирани по смртта на малата Јана од битолско Кравари, која почина на клиничката болница во Битола по примена инфузија, пишува Телма.
Родителите се убедени дека во нивниот случај станува збор за лекарска грешка. Порачаа дека нивната Јана не можат да ја вратат, но би сакале правдата да ја истераат до крај за да не се повторат такви случаи во иднина.
Министерството за здравство оформи комисија составена од петмина доктори специјалисти, детски ендокринолог, пулмолог, кардиолог, хематоонколог и анестезиолог, кои треба да утврдат дали имало или не лекарска грешка при третманот на малечкото девојче.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат по вонредниот надзор не констатираше пропусти во третманот, а од Обвинителството најавија дека ќе чекаат да го добијат обдукцискиот наод и комплетната медицинската документација, по што ќе донесат одлука дали ќе се покрене обвинение за случајот. И покрај сомневањата на јавноста и за други случаи, никој никогаш до сега не одговарал за лекарска грешка.