Постигнат е договор за откупната цена на пиперката „куртовска капија“. Пиперката што ќе се носи во преработувачките капацитети ќе се откупува по цена од 30 денари за килограм, соопшти министерот за земјоделство Борче Серафимовски. Според него, цената од 25 денари е ставена во категоријата прва-втора класа, во која припаѓаат околу 80 проценти од родот.
Од утре, среда, ќе започне примената на новите откупни цени, кои ќе важат до завршувањето на откупот, односно додека има пиперка од оранжериско и индустриско производство. Првата класа ќе се откупува за 40 денари за килограм, прва-втора класа за 30 денари, индустриската класа за 30 денари, додека „шкартот“ ќе се откупува за 15 денари за килограм.
Целиот процес на откуп ќе биде контролиран од Државниот инспекторат за земјоделство. Серафимовски побара пиперката да биде правилно класифицирана според квалитетот, и од страна на земјоделците и од страна на откупувачите. Тој посочи дека добил уверување од откупувачите и преработувачите дека договорените цени ќе бидат почитувани, а од производителите побара реално да ја проценуваат класата на својот род.
