Протестите во Лос Анџелес добија силен одговор од федералните сили
Протестите во Лос Анџелес се ставени под контрола откако по два дена немири беше испратена Националната гарда, по наредба на претседателот Доналд Трамп. Единиците беа итно распоредени поради ескалација на протестите поврзани со имиграциската политика, граничната полиција и рациите за депортација.
Претседателот на САД нареди 2.000 припадници на Националната гарда да бидат распоредени во Лос Анџелес, а најави и дека, доколку е потребно, ќе бидат вклучени и маринците. Дополнително, Трамп забрани носење маски за време на протестите. На социјалната мрежа Truth Social тој им се заблагодари на силите за справувањето со ситуацијата.
„Одлична работа од Националната гарда во Лос Анџелес по два дена насилство, судири и хаос. Имаме некомпетентен гувернер (Њусом) и градоначалничка (Бас), кои, како и обично, не се дораснати на задачата. Овие радикални левичарски протести на поттикнувачи и честопати платени бунтовници, НЕМА ДА СЕ ТОЛЕРИРААТ“, напиша Трамп.
Градските власти негираат присуство на Националната гарда
Судири меѓу демонстрантите и федералните агенти се случија во квартот Парамаунт во јужниот дел од Лос Анџелес, каде беа распоредени имиграциските служби. Демонстрантите фрлаа камења и парчиња бетон врз возилата на граничната патрола, додека агенти користеа солзавец, шок бомби и гумени куршуми. Улиците беа покриени со чад од запален отпад.
Градоначалничката на Лос Анџелес изјави преку социјалните мрежи дека Националната гарда не била вклучена во расчистувањето на протестите. Гувернерот Њусом, од своја страна, обвини дека федералната влада сака спектакл и ги повика граѓаните да се воздржат од насилство.
„Сакам да се заблагодарам на полицијата на Лос Анџелес и законодавните сили за нивните акции вечерва. Му се заблагодарувам и на гувернерот Њусом за поддршката. Само да бидеме на чисто – Националната гарда не беше распоредена во Лос Анџелес“, соопшти градоначалничката.
Нов притисок по одлуката на Врховниот суд за мигрантскиот статус
Во мај годинава, Врховниот суд на САД и дозволи на администрацијата на Трамп да го поништи привремениот правен статус на околу 500.000 лица од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела. Како можни дестинации за депортација се разгледуваат и земји од Балканот.