Група граѓани од населба Пржино и жителите од слепата уличка на улица „Пржино“, каде што падна потпорниот ѕид, покренаа петиција/жалба до Министерството за транспорт и врски за да укажат дека нема нивна согласност за градба во овој дел.
Воедно, граѓаните направија и протестна акција со мртовечки кофчези, симболично прикажувајќи дека им се одземаат основните егзистенцијални права за хуман живот – вода, мир, здравје, сонце и воздух.
Ваквиот потег на жителите од Пржино, како што велат, доаѓа откако одобренијата за градба на „Топ Метал“ во август беа укинати од градоначалникот на Општина Кисела Вода, а фирмата сега поднела жалба до Општината, која ќе оди во комисија во Министерството.
Во продолжение ја пренесуваме петицијата/жалбата на жителите до Сектор за управно надзорни работи на ресорното министерство:
———–
Подносителот на жалбата користи невистини во интерпретацијата на поедини делови од Правилникот за градба, кадешто е наведена можноста за заедничка пристапна комуникација, во делот “по добиена согласност од сопствениците на градежното земјиште“. Поимот “СОПСТВЕНИЦИТЕ“ јасно ја разграничува можноста дека физичкото лице може САМ СО СЕБЕ, за една иста поранешна парцела, да си даде СОГЛАСНОСТ – каде што истовремено Правилникот за градба ја одредува- препознава суштинската разлика помегу А1 и А2 домување и го дефинира финално добиениот проект во А2 – објект наменет за колективно домување, и со тоа констатацијата на поднесителот на жалбата дека ваквата реализација на објектот ќе изгледал како објект со намена А2 , е реална и лесно уочлива, за секој што не сака да прави злоупотреби и изигрување на законот за градба .
Една од основните одлуки е дека не е дозволено поделба на парцела на повеќе парцели кадешто новопредвидените парцели немаат директен пристап за комуникација . Тоа е предвидено во член 21 , став 2 од Правилникот за градба каде што стои: “ Основни услови кои градежното земјиште треба да ги исполни за да се оформи во градежна парцела се: – да се наоѓа непосредно до земјиште за општа употреба изведено или испланирано како сообраќајна инфраструктура, така што до парцелата да може непречено да се пристапува и таа да може самостојно и независно да се гради, употребува и одржува“ , – завршен цитат ( Службен весник бр142/15) . Во дадените одобренија за градба бр. ГП 4,27,2 и бр. ГП 4,27,3 немаат директен пристап до сообраќајна инфраструктура , така што до парцелата да може непречено да се пристапува и независно да се гради затоа што во реалноста се работи за објект со предзнак А2 кој што нема јасно разграниченост во конструктивниот систем да би претставувало градба со предзнак А1, и е целосно потреба на урбаната мафија.
Ако се работи за поделба на една парцела на 4 х А1 одвоени парцели, кои од своја страна произведуваат заедно 16 станбени единици, тогаш потребно е да се изведат 4 независни станбени единици во секој поглед, конструктивен , инфраструктурно приклучен ( водовод и канализација ), Самиот податок дека се изведува објект кој има заеднички конструктивен систем, завршно ни дава објект кој во класификацијата на објекти е неспорно А 2 – (станбен објект за колективно домување) кои по своите димензии и карактер на класифицираност се во групата на А2 објекти.
Со самиот податок дека не постојат 4 засебни А1 проекти , туку сите се опфатени со еден единствен проект ( фаза електрика, водовод и канализација ) е доволен показател дека тужителот сака да изгради објект А2 – колективно домување, со едноставно толкување на одлука за давање на согласност за заедничка пристапна комуникација.
Во почеток на првичната поднесена документација во општина Кисела Вода, постојат документи во кои инвеститорите бараат изградба на објект А2 – колективно домување, кои што според ДУП-от бил отфрлен, и покасно по совет на урбаната мафија прибегнуваат кон формирање на 4 х А1 со сите карактеристики на објект А2.
Член 65 од Правилникот за урбанизам предвидува – цитат “ (2) Со урбанистички план не може да се планираат услови за градба кои ги зголемуваат потребите за сообраќајна инфраструктура над капацитет на постојната улична мрежа, доколку со истиот урбанистички план или друг урбанистички план за пошироката околина синхронично не се планираат услови со кои соодветно се зголемуваат капацитетот, проточноста и нивото на услуги на сообраќајната мрежа на улици“ завршен цитат.
Со планираната зграда драстично се зголемуваат потребите за сообраќајна инфраструктура над капацитетот на постојната улична мрежа, а да се планираат услови за проширување на уличката е потполно нереално во оваа ситуација. Со тоа се прекршува базичниот закон на урбанизмот кој вели:
„Заради обезбедување на услови за похумано живеење и работа на граѓаните, рамномерен и одржлив просторен развој на населените места и градбите, рационално и одржливо користење на просторот, заштита на недвижното културно наследство и заштита и унапредување на животната средина и природата, со овој правилник се утврдуваат урбанистичките начела потребни за изработка и спроведување на урбанистичките планови и урбанистичко-плански документации.“
Во моментов на нашата уличка од 16 семејства веќе се создава сообраќаен хаос, што ќе се случува кога тука ќе се движат дополнително минимум 16 нови возила? Што се случува со квалитетот на воздухот кога протокот на возила ќе биде најмалку четирипати зголемен бидејќи возила ќе сообраќаат до крајот на слепата уличка во која не можат да се разминат две возила?
Дали е тоа „рационално и одржливо користење на просторот“?
Во моментот СИТЕ соседи имаат проблем со одлевање на фекална вода ПО УЛИЦИ, ПОДРУМИ И ДВОРОВИ. Ни ново-изградената атмосферска канализација не го реши проблемот.
Дали изградбата на објект за домување со уште најмалку толку жители ќе значи „рационално и одржливо користење на просторот“?
Во моментот постојано имаме прекини во водоснабдување и електрична енергија, кои предизвикуваат расипување на електричните апарати, бојлери, компјутери, греалки, проточни чешми.
Дали изградбата на објект за домување со уште најмалку толку жители ќе значи „рационално и одржливо користење на просторот“?
Во моментот имаме болни луѓе, дали мислите дека веќе уништеното зеленило и непостоечкото вклучување на процент на зеленило на тој планиран објект ќе го унапреди нашето здравје, особено здравјето на постарите, но и на децата и ќе оствари „заштита и унапредување на животната средина и природата“?
Прашуваме како овој планиран несразмерен објект на постојната изграденост и постојната канализациона, електрична и сообраќајна мрежа градена во 60-тите ќе значи „рационално и одржливо користење на просторот“ и „заштита и унапредување на животната средина и природата“?
Ние, жителите на уличката бараме отфрлање на жалбата од поднесителот „ТОП МЕТАЛ“, како неоснована, и целосно потврдување на поништувањето на сите одобренија за спорната градба!
Бараме да се застане одлучно наспроти интересите на урбаната мафија и Жалбата на ТОПИНВЕСТ на Решението на Градоначалник на Општина Кисела Вода, УП бр 13.-366 од 30.08.2022 г. да биде одбиена.
Група граѓани од н. Пржино и Жителите од слепата уличка на ул. Пржино.