Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, информираат од Авто мото сојузот на Република Македонија (АМСМ).

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од 15 ноември 2026 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2027 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.

Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Виница-Берово и Кочани-Делчево.

Од АД „Илинден“ од Струга известуваат дека денеска, среда, 28 октомври 2026 година, ќе се воведе времен режим на сообраќај на Автопатот А2 делница Кичево-Охрид. Станува збор за делот Пресека-Песочан, до клучката кај Арбиново, поради изведување градежни работи за санација на левиот коловоз. Интервенцијата ќе трае се’ до комплетно завршување на санацијата.