Александар Николоски: политички игри околу Уставниот суд и Законот за јазици
Александар Николоски, министер за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, изнесе остри критики кон ДУИ во своето гостување на емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија. Тој обвини дека ДУИ и СДСМ, откако се во опозиција, ја користат ситуацијата со Законот за јазици како дел од политичка стратегија за создавање и решавање на проблеми со цел да се прикажат како спасители.
-
„Ова е една обична политичка манипулација која за нас поискусните е очигледна. Сценариото е јасно – ДУИ создава проблем од една страна, а од друга се обидува да го реши истиот, за да се прикаже како спасител на Албанците и воедно како гарант за стабилноста на државата“, изјави Александар Николоски.
Според Николоски, целта на ваквите игри е ДУИ да ја задржи контролата врз етничките прашања и да ја зацврсти својата позиција како клучен фактор за стабилност.
Николоски: „ДУИ сака четири години да трае спорот со Уставниот суд“
Александар Николоски смета дека ДУИ намерно го пролонгира процесот поврзан со Законот за јазици во Уставниот суд за да го одржи активен што е можно подолго. Според него, овој пристап е резултат на неуспехот на зелената агенда на ДУИ, немањето никаква понуда или успех, поразот на изборите, ситуацијата во улога на опозиција и желбата да се задржи вниманието на јавноста. Оваа партија ја бива само за две работи, создавање етнички тензии и полнење на џебовите, според министерот.
-
„Тие ја промовираа зелената агенда, но таа целосно пропадна. Се сеќаваме кога трчаа низ планините облечени во зелени маици, предводени од Мерко. Во реалноста, проектите им стојат, нема активности, а најмногу ги интересира да си ги наполнат своите џебови. Единствена тема за која можат да зборуваат се етничките тензии – кои, според нивниот пристап, самите ги предизвикуваат, за потоа да се прикажат како оние кои ги решаваат“, посочи Александар Николоски.
Николоски нагласи дека ДУИ повеќе се фокусирала на лични интереси отколку на реална работа на проекти, што според него е видливо и во секторот за транспорт и инфраструктура.
Во своето гостување, Александар Николоски ја коментираше и политичката стратегија на ДУИ во изминатите години. Според него, ДУИ се продавала како гарант на стабилноста, но истовремено вршела злоупотреби на јавните ресурси и средства.
-
„Долги години ДУИ се продаваше како фактор за стабилност, но истовремено вршеше злоупотреби и крадење средства. Ова се оправдуваше со изговорот дека наводно е неопходно за стабилноста на државата, па домашната и меѓународната јавност им прогледуваше низ прсти. Но, со изборите во 2024 година и нашето ветување за нивно преместување во опозиција, сметам дека тој филм веќе е завршен“, дециден е Александар Николоски.