Хамас, на првиот ден од привременото примирје, денеска ослободи 24 заложници, од кои 13 Израелци, 10 Тајланѓани и еден Филипинец, а Израел ослободи 39 Палестинки и малолетни лица.

Тоа е прв прекин на огнот од почетокот на конфликтот на 7 октомври кога Хамас го нападна Израел. Првично примирјето требаше да стапи во сила, но почна денеска во 7 часот по локално време.

Согласно Договорот за четиридневно примирје предвидено е да се ослободат најмалку 50 заложници од Појасот Газа во замена за 150 палестински затвореници од израелските затвори.

Четиридневното примирје, постигнато со посредство на Катар, Египет и САД предвидува „целосен прекин на огнот без напади од воздух или земја“ и небо без беспилотни летала за „да се овозможи ослободувањето на заложниците во безбедна средина“.

Израелските сили денеска се повлекоа од најголемата болница во Газа, Ал-Шифа, соопшти Министерството за здравство управувано од Хамас Израелската војска минатата недела изврши рација на Ал-Шифа, по што околу 2.300 пациенти, персонал и раселени цивили, кои се засолниле во комплексот Ал-Шифа, се евакуирани јужно од Појасот Газа.

Договорот, исто така, има за цел да обезбеди дополнителна помош за 2,4 милиони жители на Појсаот Газа, кои се соочуваат со недостиг на основни добра откако Израел ја заостри опсадата на енклавата.

ОН соопштија дека вкупно 137 камиони со храна, вода, лекови и други неопходни работи се истоварени во Газа од почетокот на примирјето.

Илјадници луѓе кои побегнаа во областите во близина на границата на Појасот Газа со Египет почнаа да се враќаат во своите села откако стапи во сила прекинот на огнот. Меѓутоа, израелските воени авиони фрлаа летоци во јужниот дел на Појасот Газа, предупредувајќи ги луѓето да не се враќаат на север. „Војната сè уште не е завршена“, „Враќањето на север е забрането и многу опасно!!!

По стапувањето на привременото примирје нема тензии и на израелско-либанската граница. Набргу по почетокот на примирјето владееше „несигурна смиреност“ долж границата, објави официјалната либанска Национална новинска агенција. Од почетокот на војната, во областа се водеа борби помеѓу израелската армија и либанското движење Хезболах, како и палестинските милитантни групи.