Потврдена инфлуенца А кај пациентката, повеќе хронични заболувања

На Клиниката за инфективни болести во Скопје почина 75-годишна жена кај која лабораториски била потврдена инфлуенца А. Станува збор за пациентка со повеќе хронични заболувања, која не била вакцинирана против сезонски грип.

„Се работи за возрасна пациентка на 75 години кај која лабораториски е потврдена инфлуенца А и пациентката имала многу коморбидитети“, изјави директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана.

Тој информираше дека уште двајца пациенти се во критична состојба и се приклучени на респиратор, додека неколку други примаат кислородна поддршка.

Зголемен број хоспитализирани, доминираат повозрасни пациенти

Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти, од кои најголемиот дел се повозрасни лица. Според лекарите, кај нив се развиле компликации од вирусот на грип, најчесто со зафатеност на респираторниот систем.

„Тие се хоспитализирани затоа што кај нив при преглед е констатирано дека имаат компликација на вирусот на грип пред сè со респираторно засегање“, изјави д-р Цана.

Расте бројот на заболени на национално ниво

Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во првата недела од годинава се регистрирани 1.725 случаи на грип, што укажува на интензивно ширење на вирусот во земјава.