Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер објави дека имал телефонски разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Станува збор за разговор кој Украина го бара долго време, а за него се шпекулираше уште од посетата на кинескиот претседател на Москва минатиот месец. Во тој период Зеленски испрати и покана до Си да ја посети Украина.
Разговорот, барем телефонски, конечно се случи денеска.
„Имав долг и значаен телефонски разговор со претседателот Си Џинпинг. Верувам дека овој повик, како и назначувањето на украинскиот амбасадор во Кина, ќе дадат силен поттик за развојот на нашите билатерални односи“, најави Зеленски.
Кинеската државна телевизија потврди дека двајцата лидери имале телефонски разговор.
За време на разговорот, Си му рекол на Зеленски дека „разговорите и преговорите се единствениот излез од војната“, пренесува ЦЦТВ.
Иако Пекинг е официјално неутрален во конфликтот, Си никогаш не ја осудил руската инвазија.