Евакуацијата беше целосно организирана преку дипломатско-конзуларните претставништва
Вечерва во Скопје пристигна првата група македонски државјани кои беа евакуирани од Израел преку Египет. Патниците ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој истакна дека процесот бил сложен и барал сериозен ангажман на нашите дипломатско-конзуларни претставништва.
„Вечерва пристигна првата група наши сограѓани од Израел, кои беа евакуирани преку Египет. Таму беше целосно организиран превоз за нив од страна на Амбасадата. Во Израел остануваат уште седуммина граѓани кои во моментов не се расположени за евакуација, односно чекаат да се ослободи воздушниот простор и евентуално да се вратат подоцна со приватен лет преку приватна компанија“, изјави Димитровски.

Тој нагласи дека се прават напори најдоцна до понеделник сите граѓани да бидат вратени со три до четири лета од овие дестинации.
„Наредните денови тие ќе бидат пренесени со чартер летови, организирани од Владата и Министерството за надворешни работи. Еден од летовите ќе тргне од Ријад, Саудиска Арабија“, додаде Димитровски.
Евакуираните граѓани изразија голема благодарност за можноста да се вратат дома. Тие опишаа тешко искуство во Израел, каде секојдневно морале да одат во засолништа кога се огласувале сирени.
„Иако за израелските граѓани тоа е дел од секојдневието, за нашите било необично и тешко искуство. Некои биле затекнати во Израел токму кога сакале да се вратат, но аеродромите биле затворени. Благодарни сме за комуникацијата со нашата амбасада и за тоа што ни беше овозможено безбедно да се вратиме дома“, истакна Димитровски.
Дел од патниците биле и двајца ракометари со своите родители. Според информациите, во земјите од Заливот моментално има околу 600 македонски државјани, најмногу во Абу Даби и Дубаи, околу 140 во Катар, а помал број во Бахреин и Кувајт.
