Во организација на Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА, утре (18 мај), со почеток од 18 часот ќе се одржат две нови предавања на првата онлајн конференција за развивање на дигитални игри во Македонија, MAGDA Game Dev 1UP, информираат од МАГДА.
Иво Нешковиќ, ко-основач на Furious Avocado утре ќе говори на темата “Developing Hyper-casual Games”, додека Мартин Петковски, мултидисциплинарен програмер во KAMAI MEDIA ќе одржи предавање на тема „Креирање на последователни дијалози во игри и нивно разгранување“. Следењето на предавањата е бесплатно, а сите предавања се со симултан превод на знаковен јазик. Регистрацијата и следењето на предавањата се прави на веб страницата www.magda.org.mk.
Инаку, оваа конференција започна на 5. мај и ќе се одвива во период од месец и половина. Предавањата се одржуваат неделно, секоја среда, а водени се од професионалци во гејм индустријата кои од прва рака ќе ги пренесат нивните искуства. Опфатени се повеќе аспекти на развивање на дигитални игри вклучувајќи Level Design, Game Design, Character Art, Sound Design, Game Production, Game Programming, Monetization и AI in Games.
Како најава за следните предавања, на 25. мај Doug North Cook, раководител на ВР фондот во Robot Teddy ќе говори на темата “Making a Tasty VR Game”, додека Петар Котевски, основач на KAMAI MEDIA ќе го одржи предавањето “AI Doesn’t Want to Kill You”.
Следно на агендата, на 1. јуни се предавањата “Monetization and Economy in F2P Games”, со Небојша Митриќески, Senior Game10 Economy Designer во Kabam и “Music for Video Games 101” со Нино Васков, Game Composer во Half Past Yellow.
На крајот на конференцијата, викендот на 18. и 19. јуни во Скопје ќе се одржи дводневен game jam настан со физичко присуство, кој ќе има натпреварувачки карактер. Учесниците ќе имаат можност да осмислат идеја и да креираат прототип на дигитална игра. Поканети се да учествувааат сите кои ги следеа предавањата, како и секој кој би сакал да се обиде да развие игра. Пред почетокот на настанот ќе може да се проследи предавањето на Наум Михајловски, ко-основач и раководител на Furious Avocado, на тема „Како да дизајнирате Хајпер-кежуал хит игра“.
Конференцијата е дел од проектот Creative Producers in the Western Balkans 2021 – 2022 на British Council. Наменета е за сите кои професионално работат на развивање на дигитални игри, но и за тие кои би сакале да ја насочат својата кариера во овој правец.
Организатор на конференцијата е Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА, невладина организација формирана во 2013 година со мисија да го поддржи и промовира развивањето на игри во Македонија.