Специјалниот суд во Хаг денеска го прогласи Салих Мустафа, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за виновен и му одреди единствена казна од 26 години затвор за тортура, самоволно лишување од слобода и убиство, кои судот ги оцени како воено злосторство, пишува 360 степени.
Ова е прва пресуда на оваа институција во врска со истраги за воени злосторства извршени на Косово во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.
Претходно, на почетокот на заседанието на судот, судијката Мапи Фелт-Фоља рече дека има погрешни толкувања дека обвинувањата за воени злосторства се однесуваат на ОВК и на народот на Косово.
„Во ниту еден момент не и се суди на ОВК“,
подвлече таа.
Таа рече дека жртвите што учествувале во судскиот процес против Мустафа се плашат за себе и за своите семејства и сè уште се трауматизирани од она што го преживеале.
Фелд-Фоља оцени дека изјавите на сведоците за време на судењето биле јасни, кохерентни и конзистентни.
Претходно во судот Хисни Гуцат и Назим Харадинај беа прогласени за виновни за кривични дела против судството, односно попречување на службени лица во вршење на службената должност, заплашување на сведоци и повреда на тајноста на постапката.
Специјализираното обвинителство за Косово во Хаг ги истражува наводните злосторства извршени од припадници на ОВК против етничките малцинства и политичките противници во периодот јануари 1998 – декември 2000 година.
Судењето на Салих Мустафа почна на 15 септември 2021 година и тоа беше прво судење за воени злосторства пред Специјализираните совети за Косово во Хаг.
Тој беше уапсен на 24 септември 2020 година и беше првото уапсено лице против кое беше потврдено обвинението, откако во 2015 година беа формирани Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство.
Се наведува дека Салих Мустафа, познат и како командант „Чали“, бил водач на герилската единица на Безбедносно-информативната агенција, која припаѓала на оперативната зона Лап на Ослободителната војска на Косово.
Оваа единица во својот состав имала од 500 до 600 војници, кои главно дејствувале во градските средини на Приштина и Обилиќ и во нивната околина, како и во областа Голак, каде што се наоѓа селото Злаш.
Се додава дека кривичните дела, за кои се обвинуваат, се случиле во контекст на „вооружен конфликт“ и се поврзани со вооружениот конфликт на Косово меѓу ОВК и силите на Сојузна Република Југославија (СРЈ) и Република Србија, „вклучувајќи ги и единиците на Југословенската армија, единиците на полицијата и другите единици на Министерството за внатрешни работи, како и други групи кои се бореле на страната на СРЈ и Србија“.
Понатаму се забележува дека во периодот од 1 април 1999 година до 19 април 1999 година, Сали Мустафа и други членови на ОВК држеле најмалку шест лица затворени на имотот во Злаш. Се наведува и дека во текот на април 1999 година на тоа место бил убиен затвореник.
Во обвинението се додава дека Мустафа „заедно со другите членови на ОВК“ однел на сослушување едно лице, чиј идентитет е скриен, „и дека наредил да го претепаат“.
Како што се наведува во обвинението, додека го тепале со различни тврди предмети, на лицето му било кажано дека „е шпион и дека ќе го убијат“.
Во судењето на Мустафа учествуваа 29 сведоци од кои 14 на Специјализираното обвинителство и 15 на одбраната. Во судскиот процес исказ дадоа и осум жртви.
Поранешниот специјален обвинител Џек Смит претходно изјави дека во случајот Мустафа сите жртви биле косовски Албанци.
Него на функцијата, како вршител на должноста специјален обвинител го наследи Алекс Вајтинг.
Обвинителството соопшти дека „единствената вина“ на некои од жртвите е што биле членови на Демократскиот сојуз на Косово.