Министрите за одбрана на Австралија и Кина денеска ја имаа првата средба во последните три години и нивниот разговор беше оценет како „прв важен чекор“ по долг период на напнатост.

Разговорот меѓу Ричард Марлс и неговиот кинески колега Веи Фенге, што траеше повеќе од еден час, се одржа на маргините на безбедносниот форум „Дијалогот Шангриг“ во Сингапур.

-Ова беше можност за нас да имаме многу отворена и целосна размена на информации за време на која покренав голем број прашања од интерес за Австралија, изјави австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс .

-Навистина е важно во овој момент да имаме отворени линии на дијалог, рече Марлс, кој е и вицепремиер на Австралија.

Тој додаде дека односите меѓу Австралија и Кина се „комплексни“ и затоа е навистина важно двете земји да разговараат сега.

Засега нема коментари од кинеска страна за средбата.

Односите меѓу Пекинг и Канбера се затегнати особено откако Австралија пред две години побара независна истрага за потеклото на пандемијата на коронавирусот.