Пожарот во Ѓорче Петров однесе човечки живот – активни остануваат неколку фронта во земјава, најкритично во Чучер Сандево

80-годишен маж, кој чувал добиток во импровизирани штали во близина на железничката станица во Ѓорче Петров, е првата потврдена жртва од пожарите што изминативе денови ја зафатија територијата на Скопје и други делови на Македонија. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, пожарот избувнал вчера околу 18:00 часот, а неговото тело било пронајдено изгорено во една од помошните простории.

„Тука биле импровизираните штали во кои лицето го чувало својот добиток, а за жал во текот на вчерашниот ден во пожарот истото починало“, информираат од МВР.

Заедно со телото на починатиот, биле пронајдени и изгорени животни. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Пожарот кај Блаце и Чучер Сандево сè уште активен – ангажирани хеликоптери и авион

На територијата на Скопје, сè уште е активен и големиот пожар што вчера се прошири кај селата Блаце и Чучер, во Општина Чучер Сандево. Во гаснењето на терен, освен новите противпожарни возила, беа вклучени и хеликоптерите на Министерството за внатрешни работи.

Според официјалната информација од МВР, хеликоптерите „Бел 412“ и „Агуста Бел 212“ во рамки на 55 налети исфрлиле над 70 тони вода. Дополнително, беше ангажиран и авион „Ер трактор“.

Претседателот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, изјави дека теренските екипи се постојано ангажирани со цел пожарот целосно да се стави под контрола. Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), наведе дека според првичните сознанија, најверојатната причина за пожарот е отпушок од цигара.

Во Валандово пожарот конечно локализиран – активни пожари во уште четири региони

Еден од најдолготрајните и најкомплексни пожари, оној во валандовскиот крај, гореше повеќе од една недела, но според информациите, истиот сега е локализиран.

Покрај активниот пожар во Чучер Сандево, во моментов регистрирани се пожари во:

  • Прилеп – кај селото Бешиште,

  • Македонски Брод – под врвот Солунска Глава,

  • Старо Нагоричане – кај селото Бељаковце.

Привремени ангажмани за 400 пожарникари – објавен владин оглас

Со цел поефикасно справување со кризата, Владата објави оглас за ангажман на 400 привремени пожарникари кои ќе бидат распоредени во Територијалните противпожарни единици низ државата. Ангажманот ќе се врши со месечен надомест од 24.000 денари.

Најдобрите меѓу нив, по истекот на привременото вработување, ќе добијат можност за траен работен ангажман, со што треба да се ублажи хроничниот недостаток на обучен кадар во системот за заштита од пожари.