Припадници на противпожарната служба на Грција попладнево извлекоа безживотно тело на маж од траектот „Euroferry Olympia“, што воедно е и првата жртва од пожарот што избувна во петокот наутро, а продолжува потрагата по останати десет исчезнати патници, јави дописничката на МИА од Атина.
Неофицијално спасувачките екипи телото го пронашле јагленосано во кабина на камион.
Утрово, како што претходно објави МИА, по два дена од избувнувањето на пожарот, по над 50 часа поминати во гаражата на траектот, беше пронајден жив и спасен еден од исчезнати патници, 21-годишен државјанин на Белорусија, возач на камион, кој сам успеал од гаражата да стигне до палубата, од каде што беше преземен од спасувачките екипи, а потоа и превентивно пренесен во болница.
Пожарот изби во петокот, по четири часот наутро, од засега непознати причини, додека италијанскиот траект „Euroferry Olympia“ пловел во морскиот дел североисточно од островот Ерикуса, а тргнал од Игуменица за Бриндизи.
Според официјалниот список, имало 239 патници и 51 член на екипажот, како и автомобили и камиони.
Дополнително произлезе дека меѓу спасените се и две лица, веројатно мигранти кои патувале нелегално, без билет.
Спасени се вкупно 281 лице, а десет се водат како исчезнати, додека еден патник го загуби животот.