Општина Илинден воведува финансиска поддршка за сите првачиња
Општина Илинден продолжува да креира мерки за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, особено за младите семејства, со новата иницијатива за финансиска поддршка на првачиња.
Од 2022 година, Општината обезбедува ранчиња и училишен прибор за секое дете запишано во прво одделение. Почнувајќи од следната учебна година, покрај оваа поддршка, родителите ќе добиваат и субвенција од 3.000 денари за секое прваче.
– Целта на оваа мерка е да им се олесни на родителите покривањето на дел од трошоците за започнување на образовниот процес и да се обезбеди порамномерен и сигурен старт за сите ученици, велат од Општината.
Средствата за субвенцијата се целосно обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што ја покажува посветеноста на локалната самоуправа кон децата, семејствата и иднината на заедницата.
Покрај ова, Општината неодамна ги зголеми и финансиските надоместоци за новороденчиња, со што дополнително ја потврдува својата стратегија за поддршка на младите семејства и долгорочен одржлив развој.
