Првата делница долга два километра од автопатот Скопје – Блаце доцни шест месеци. Наместо да се заврши во декември како што најавија властите, сега доколку се решат сите проблеми, овој дел од автопатското поврзување со Косово ќе биде готово во април.

Засега се завршени половина од градежните работи. Втората половина ќе се работи по потешки, зимски услови. Надлежните велат дека се соочиле со доста непредвидливи работи.

„Ние задоцнивме со почетокот на работните задачи, бидејќи не беше расчистена експропријацијата на целата траса. Не беа предвидени неколку работи во основниот проект на оваа делница, како што се потпорен ѕид и проблемот што не беа предвиде косини“, рече Ејуп Рустеми директор на ЈПДП.

Дали доцнењето на првата делница ќе ги одложи работите и на втората, покомплицирана делница за работа, надлежните не сакаа детално да кажат. Властите велат добро е што се гради. Министерот за транспорт Благој Бочварски рече дека ќе биде задоволен доколку успее да се најде фирма изведувач кон средината на идната година. Кога целосно планираат да биде готов автопатот, Бочварски не сакаше да каже.

„Овој автопат Скопје – Блаце се дискутира десетина – петнаесет години, но гледаме дека денеска се гради, и тоа е нешто што сите треба да го поздравиме. Пропратно со тоа се појавуваат одредени пречки на трасата и нормално во тек на градба ќе треба да ги отстрануваме и тоа и го правиме“, рече Благој Бочварски министерство за транспорт и врски.

Првите два километри од автопатот ќе чинат до 15 милиони евра. Втората делница од автопатот кон Косово, која надминува 10 километри, ќе ја чини државата над 100 милиони евра. Крајниот рок за финиширање на цел автопат властите велат дека е 2023 година. Инаку, нов застој има и на градежните работи на автопатот Кичево – Охрид. Во Собранието е заглавен анекс на договорот кој треба да го изгласаат пратениците за да се продолжи рокот за негова изградба. Оптимистичките најави се дека најмалку уште две години ќе треба да се работи и на овој автопат.