Следна група пациенти започнува со рехабилитацијата на Пониква во вторник

Првата група од 45 лица повредени во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани ја заврши рехабилитацијата на Пониква, спроведена во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи. Од почетокот на наредната недела, таму ќе пристигне нова група пациенти, меѓу кои и лица со респираторна патологија кои веќе го завршија болничкото лекување.

– Во тек се активности за дезинфекција на просториите каде што претходно беа сместени пациентите. Се прска и против комарци, со цел подготовка за вториот бран на рехабилитанти. Планирано е тие да пристигнат во вторник, а паралелно веќе е подготвен и списокот за третата група – изјави Катерина Мирчовска, директорка на Општата болница со проширена дејност во Кочани.

Физичката и психичката рехабилитација се одвиваат паралелно

Според директорката, престојот на планина позитивно влијае врз опоравувањето. Младите луѓе кои биле повредени покажуваат напредок, како на физички, така и на ментален план. Некои од нив веќе продолжиле со подготовки за испити на факултет, а други што претходно биле вработени, се чувствуваат подготвени да се вратат на работните места.

– Едно од момчињата повредено во пожарот се пријави на оглас за волонтер во Доброволното противпожарно друштво во Кочани, додаде Мирчовска.

Рехабилитацијата ја спроведуваат лекари и физиотерапевти од три града

За медицинската нега и терапијата се грижат специјалисти од Клиниката за пластична хирургија во Скопје, како и физиотерапевти од Кочани и Штип. Скоро сите пациенти се вклучени во спортски активности, користат опремени спортски игралишта и добиваат секојдневна физиотерапија. Дополнително, сите се вклучени и во системот „Мој термин“, преку кој се следи нивниот здравствен статус.

Рехабилитацијата на Пониква продолжува по групи и во следните недели, со цел сите повредени од трагичниот настан да добијат целосна медицинска поддршка и третман.