Новиот премиер на Црна Гора, Милојко Спајиќ, денеска изјави дека реформската програма „Европа сега 2“, која опфаќа зголемување на просечната плата на 1.000 евра, ќе биде целосно спроведена, како што најавија во предизборната кампања и „без една запирка разлика“.

„Едвај чекаме да направиме резултат за нашата земја“, рече Спајиќ, кој е и лидер на движењето „Европа сега“, по изгласувањето на новата влада.

Тој посочи дека поддршката на неговиот кабинет од 46 пратеници е највисока што досега ја имала една влада во Црна Гора. „Тоа е позитивна вест, укажува на стабилност и добра основа за носење реформски закони, очекувам да оди многу побрзо од порано“, рече тој.

Спајиќ рече дека една од главните пречки на на претходните влади била лошата соработка со парламентот.

„Ние дефинитивно нема да се изложуваме на ваков вид на тортура во иднина“, рече тој.

Тој најави дека одлуката за одложување на пописот на населението ќе биде донесена на денешната седница на Владата што ќе се одржи во 13 часот. Тој најави дека утрово во 8:30 ќе има примопредавање, а во 10 ќе се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во официјална посета на Црна Гора.