Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори, што се одржа вчера во 32 општини и во градот Скопје. Според претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на избирачките списоци биле запишани 1.013.357 гласачи, а своето право на глас го искористиле 424.923 граѓани, што претставува излезност од 41,93 отсто.

Во вториот круг, како што информира Кондарко, гласањето се одвивало на 1.777 избирачки места. Од вкупниот број ливчиња, 404.464 се важечки, а 23.930 неважечки.

Во изборот за градоначалник на Скопје, гласале 167.575 граѓани од вкупно 474.304 запишани избирачи во десетте скопски општини. Според податоците на ДИК, 157.047 ливчиња се важечки, додека 10.528 се неважечки, а 306.729 останале неупотребени.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички мандати во Град Скопје и во 21 општина. Коалицијата ВРЕДИ победи во четири општини, СДСМ и нејзините партнери во три, додека Унијата на Роми, движењето ЗНАМ и партијата НАИ освоија по една општина. Во една општина победил независен кандидат.

Во трката за градоначалник на Скопје, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, доби поддршка од 95.572 гласачи или 57,03 проценти, додека кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, освои 61.475 гласа, односно 36,69 отсто.

Кондарко објасни дека со објавувањето на резултатите започнува рокот за поднесување приговори.

„Од денеска, од 16:30 часот, од објавувањето на првичните официјални резултати, во наредните 48 часа, до среда, до 16:30 минути, течат роковите за евентуални приговори врз основа на објавените првични официјални резултати, а за спроведување на постапката на утврдување на резултатите од гласањето. Приговорите се доставуваат директно до ДИК, електронско поднесување не е дозволено,“ изјави претседателот на Комисијата.

Тој појасни дека доколку нема поднесени приговори, конечните резултати за тие општини ќе бидат објавени во четврток. Во случај да има приговори, ДИК има рок од 72 часа да одлучи по нив, по што следува можност за тужби до Управниот суд, кој има рок од 48 часа да ги разгледа.

„Ако до среда, до истекот на рокот за поднесување приговори во некоја од 32-те општини не бидат поднесени приговори, за тие места каде нема приговори ДИК во четврток ќе објави конечни резултати. Доколку бидат поднесени приговори, ДИК има рок од 72 часа да одлучува по приговорите. Тоа во денови доаѓа некаде до сабота. Потоа, по одлуките на ДИК, има рок од 24 часа за поднесување тужби до Управниот суд. Тоа би било најдоцна до недела. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување по тужбите. Значи, крајните рокови за одлучување на Управниот суд би биле до понеделник. Понеделник или најдоцна вторник, по конечните одлуки на Управниот суд, би бил крајниот рок за објавување на конечните резултати,“ изјави Кондарко.

Конечните резултати, според најавите, ќе бидат соопштени на седница на ДИК, а јавноста ќе биде навремено информирана.

Роковите за приговори по однос на спроведувањето на гласањето започнаа вчера во 19:00 часот.