Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски за МКД.мк изјави дека не е проблем апликацијата туку дека проблемот е глобален, односно има проблем со интернетот во целата земја. Симовски ни изјави дека го известиле Телеком и дека очекуваат во најкус временски период техничките проблеми да бидат отстранети и попишувањето на терен да продолжи нормално, како во текот на вчерашниот ден.

Симовски вели дека граѓаните не одбиваат да бидат попишувани и дека соработуваат со попишувачите кои се ангажирани од страна на Државниот завод за статистика.

Тој уште еднаш ги повика граѓаните да им отворат врата на попишувачите и да ги дадат своите податоци во интерес на државата и нејзиниот развој, притоа водејќи сметка за заштитните мерки поради коронавирусот.

Таму каде што е можно пописот може да се изврши и на отворен простор, имајќи предвид дека попишувачите се опремени со лаптопи кои имаат интернет врска.