Првиот пациент од лекување во странство по трагедијата во Кочани денеска пристигна во Северна Македонија. Станува збор за пациент кој беше лекуван во Белград, Србија. Тој веднаш по пристигнувањето е сместен на опсервација во ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје.
Пациентот на клиниката го пречекаа министерот за здравство Арбен Таравари и министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, Андон Чибишев изјави дека вратениот пациент од Србија се наоѓа во значително подобрена клиничка состојба.
Првиот пациент од лекување во странство ќе биде под постојан лекарски надзор
Пациентот од лекување во странство што се врати дома, ќе биде под постојан медицински надзор. Клиничките тимови ќе извршат потребни лабораториски испитувања, како и детален преглед. Целта е целосно да се процени неговата здравствена состојба пред да биде пуштен дома.
Директорот на Токсикологија Андон Чибишев изјави дека според воспоставениот протокол пациентот ќе помине низ основни медицински прегледи.
„Пациентот ќе биде под медицински надзор на Универзитетската клиника за токсикологија извесно време, можеби денес или најдоцна до утре. Во моментов се прават неопходните клинички испитувања. Тој е детално прегледан и се наоѓа во многу добра состојба, со задоволителни клинички параметри. Ќе извршиме дополнителни наши иследувања за да бидеме сигурни дека е безбедно да го пуштиме дома кај семејството. Протоколот налага најмалку да се направат основни лабораториски анализи и медицинско интервју, за детално да знаеме низ каков третман поминал додека бил на лекување таму. Враќањето во својата земја и во домот, нормално, носи дополнителен психолошки стрес и не можеме веднаш да го пуштиме да замине дома. Од таа причина ќе остане извесно време со нас, во присуство на нашиот персонал, додека ние ги завршиме потребните испитувања“, изјави Чибишев.
Подготвени се психолошки и психијатриски тимови за поддршка на пациентите
Чибишев потенцираше дека според Планот на Кризниот штаб се организирани повеќе специјализирани медицински тимови. Тимовите ги сочинуваат психијатри и психолози кои ќе им дадат неопходна поддршка на пациентите.
„Апсолутно. Сметам дека и министерот за здравство на утринскиот брифинг со медиумите потенцираше дека според Планот на Кризниот штаб веќе имаме подготвено повеќе специјални тимови составени од психијатри и психолози. Тие ќе работат интензивно и ќе им пружат стручна помош на сите пациенти кои се лекуваат во земјава и оние што ќе се враќаат од лекување во странство. Психичката траума и стресот што го претрпеа овие луѓе е огромна и без сомнеж ќе им биде потребна психијатриска и психолошка поддршка“, додаде Чибишев.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информираше дека 12 пациенти кои беа лекувани во земјава ќе бидат пуштени на домашно лекување. Други 27 пациенти и понатаму ќе останат на клиничко лекување.
Од 30-те пациенти кои се лекуваат во Белград, само еден пациент, кој е првиот пациент од лекување во странство, денеска се врати во земјава.
Министерот Таравари појасни дека состојбата на пет пациенти кои се лекуваат во странство останува многу критична, а кај дел од нив дури се забележува и влошување.
„Кај некои пациенти состојбата е навистина комплицирана, но да се надеваме дека медицинските тимови ќе го направат максимумот за спас на нивните животи. Добивме и понуди од некои европски држави кои изразија подготвеност да прифатат пациенти на кои ќе им биде потребна подолга рехабилитација“, изјави Таравари.
Чибишев информираше дека пациентите кои беа претходно пуштени на домашно лекување ќе бидат лекарски следени уште неколку месеци.
Министерот Таравари потенцираше дека сите пациенти кои се лекуваат во странство имаат изгореници од втор и трет степен. Оние со полесни повреди пак, имаат оштетувања и на дишните патишта.
Запрашан дали повторно ќе се отвори центарот за изгореници, министерот рече дека веќе разговарал со премиерот Христијан Мицкоски и имаат неколку опции. Но, и доколку центарот се отвори, во него ќе може да се лекуваат најмногу четворица пациенти.