Првиот Регионален Спортски Самит во Скопје
На 10 септември, главниот град ќе биде домаќин на Првиот Регионален Спортски Самит, кој ќе се одржи во хотелот DoubleTree by Hilton Skopje. Настанот ќе се реализира под покровителство на Министерството за спорт и ќе се одвива под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“.
Овој самит е прв настан од ваков тип во земјата и има цел да придонесе за развојот на спортот преку размена на искуства од регионот. Скопје ќе стане центар на регионалниот спортски дијалог, обединувајќи експерти, институции, спортски работници, млади спортисти и визионери од целиот регион.
Настанот е конципиран како стратешка платформа за создавање нови идеи, политики и партнерства што ќе го унапредат спортот како клучен дел од националниот идентитет и како двигател на општествениот развој. Поддршката од Министерството за спорт е насочена кон иницијативи за модернизација на спортската инфраструктура, зголемена вклученост на младите и развој на одржлив спортски екосистем во државата и регионот.
„Министерството за спорт со особена чест ја прифти поканата да биде покровител на Првиот Регионален Спортски Самит, кој оваа година ќе се одржи во Скопје под силната и инспиративна порака – ‘Спортот како национален идентитет и визија за иднината’. Веруваме дека спортот не е само физичка активност, туку моќен двигател на општествена кохезија, национална гордост и позитивни промени кај младите генерации. Овој самит претставува важен чекор кон создавање нова визија за развојот на спортот во земјата и регионот, преку соработка, размена на искуства и дефинирање на конкретни политики и стратегии. Како институција, остануваме целосно посветени на поддршка на вакви иницијативи кои ја промовираат улогата на спортот во општеството, ја стимулираат иновацијата и инвестициите, и ја поставуваат основата за одржлива спортска иднина. Го поздравуваме овој самит како платформа што обединува идеи, визии и решенија – и ја потврдуваме нашата заложба за долгорочна, стратегиска и суштинска поддршка на спортот во Република Македонија.“ – изјавија од Министерството.