Владата ќе спроведе анализа за да подготви таргетирани мерки за ценовна заштита поради растот на цените и инфлацијата на услуги
Владата ќе спроведе анализа на ценовните движења, по што ќе презентира таргетирани мерки за ценовна заштита, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција.
Според него, мерките ќе бидат прецизни и насочени, а ќе бидат објавени многу скоро, по детална проценка на состојбата.
– Не сме среќни што ова се случува, но мора да направиме детална анализа во делот на базичната инфлација бидејќи разговарав со неколку економски професори и заклучокот е дека делот од производите кои ја креираат оваа инфлација можеби во односот добавувачи – маркети не е толку зголемено, колку во базичната инфлација и во делот на инфлацијата на услуги. Ќе има мерки многу скоро кои сакаме да бидат прецизни и таргетирани. Не сакаме да бидат мерки што ќе предизвикаат стихија, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека најголемо влијание има инфлацијата кај услугите, каде што бројките се двоцифрени.
– Треба да видиме колкав е уделот на инфлацијата во услугите при создавање на базичната инфлација. Тука имаме отскокнување, двоцифрени бројки, додаде тој.
Како пример, Мицкоски посочи дека кај земјоделските производи, иако зголемувањето на цената на влезните трошоци изнесува 2%, крајната цена за потрошувачите се зголемува за 11%.
– Земјоделецот го продава производот на некој кој тој производ го носи во маркет и ако тој го продава за 11 проценти повисока цена, тогаш е јасно за што зборувам, рече премиерот.
Во јуни, според Државниот завод за статистика, трошоците на живот пораснале за 4,5%, а цените на мало за 3,7% на годишно ниво.