Со пароли за „спас на хрватската култура“ и „забрана на увоз на странски работници“, денес на централниот дел на сплитската Рива се собра мала група граѓани на протест организиран од Здружението за подобра Хрватска.
Иако присутните беа малубројни, атмосферата беше бурна. Најавени беа девет барања до Владата, а организаторот Роналдо Баришиќ преку мегафон ги образложи причините за протестот. Тој побара државни мерки што ќе ги мотивираат работодавците да ангажираат домашна работна сила – преку даночни олеснувања, субвенции и стимули. Како што рече Баришиќ, целта е „поголеми плати и подобри услови за хрватските ветерани, особено за младите“.
Во текот на протестот се слушаа скандирања „предавство“ упатени кон ХДЗ и премиерот Андреј Пленковиќ, со порака дека „ХДЗ не ја создал Хрватска, туку ветераните“. На бината се обратија и повеќе говорници: Петра Јанкова, заменик-претседателка на здружението „Хрватски воин“, активистот и независен советник од Задар Мате Лукиќ, независниот градски советник Роберт Модриќ, бригадирот Ивица Лозина и секретарот на млади ХОС, Антонио Ѓирлиќ.
Во говорите беше спомнато и прашањето за посвојувања, со тврдења дека „предност имаат ЛГБТИК заедниците“ и прашањето „на што ќе личат тие деца“. Лукиќ ги нападна „синовите на политичари“ кои, според него, преку агенции за увоз на работници спроведуваат „замена на население“.
Протестот заврши со порака упатена кон Милорад Пуповац и со повик до институциите „да реагираат на ширењето омраза“. Присутните скандираа „Хрватска, о Хрватска, независна држава“ и „Хрватска на Хрватите“, а атмосферата ја подигна загрепскиот бенд „Браќа Кумерле“.
Весникот Слободна Далмација оцени дека „целата приказна изгледаше исклучително бедно, со мала група на протестанти“.
