Сојузот на синдикати на Македонија денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот со синдикален протест барајќи усогласување на останатите плати со порастот на минималната плата.
Синдикатот бара линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата, почнувајќи од општиот работник до претседателот на државата.
Протестот ќе почне во 12:30 часот пред зградата на ССМ по што ќе продолжи пред Собранието, зградата на Организацијата на работодавачи и Стопанската комора и ќе заврши пред Владата каде ќе бидат упатени барањата.
Од ССМ ги повикаа и останатите синдикални организации и конфедерации во земјава да се приклучат на првомајскиот протест и заеднички да се изборат за работничките права.
– Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите, за зголемување на платите за 2.806 денари во нето износ на сите вработени во приватниот и јавниот сектор, како и за креирање на нови визии и перспективи. Ја повикуваме Владата на поголема продуктивност и решителност во делувањето за зголемување на платите на работниците, се вели во прогласот на ССМ.
Одлуката да се организира синдикален протест на 1 Мај е донесена од страна на Претседателството и Советот како највисоки тела на ССМ.