Новинарите, снимателите и фоторепортерите утрово само кратко влегоа во судницата и направија фотографии и видеоинсерти од првото судско рочиште во кое обвинет е Марјан Стаменковски, сопственик на сајтот ДоказМ. Обвинителката Зорица Павловиќ побара рочиштето да биде затворено за јавноста затоа што се работи за кривични дела против моралот и за да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи, пишува МКД.мк

Судијката Марија Клетничка-Марковска го прифати барањето, па во судницата останаа само странките, оштетените и стручните набљудувачи од коалицијата Сите за правично судење и ОБСЕ.

Во Основниот кривичен суд во Скопје на Марјан Стаменковски му се суди за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, за уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Неколку лица поднеле кривични пријави против Стаменковски кои биле жртви на текстовите објавени на неговиот портал. Пријава има и од една телевизија затоа што на ДоказМ се објавувала содржини за која медиумот имал ексклузивни права. Меѓу пријавителите има и свештеници и новинарки.

За свештениците на сајтот било објавено дека тие биле поврзани со домашни и странски тајни служби, а верниците биле поттикнувани да ги протераат од манастирот во кој тие служеле.

За време на претресот на домот на Стаменковски на 9 февруари биле пронајдени и голема сума пари, а одземени биле неколку компјутери и мобилни телефони. Според информациите од ОЈО Скопје, оштетено лице било контактирано од Стаменковски кој го повикал на средба за му побара пари во замена да не објавува приватни фотографии и информации за него. Оштетениот одбил средба, па на порталот Доказ биле објавени повеќе текстови за жртвата.

ОЈО Скопје соопшти дека во овој случај е вмешана и една истражителка од МВР која била ангажирана во обвинителскиот истражен центар. Стаменковски контактирал со неа и се обидувал да дознае информации за предмети по кои се постапува вклучително и за неговиот. За време на истрагата како доказ е обезбедена и приватната комуникација на Стаменковски со истражителката.