На Универзитетската клиника за пластична хирургија во Скопје беше изведена успешна реконструкција на нос кај пациент кој го изгубил поради малигна болест, со употреба на целосно персонализиран имплант изработен со помош на технологија за 3Д печатење.

Истата е прва операција од ваков вид во Македонија, регионот, а можеби и во светот, велат од компанијата 3DLoom.

Оваа процедура беше реализирана во соработка помеѓу компанијата 3DLoom и проф. д-р Софија Пејкова.

Операцијата беше изведена од тим составен од: Проф. д-р Софија Пејкова, Асс. д-р Катерина Јовановска, Асс. д-р Стефанија Азманова Младеновска, д-р Софија Тушева, д-р Анда Касапи, д-р Муамет Мемети, д-р Немања Ранковиќ, д-р Глорија Ѓоргова и д-р Стефан Арсенков.

Компанијата 3DLoom, во соработка со проф. д-р Софија Пејкова од Универзитетската клиника за пластична хирургија во Скопје, успешно го заврши проектот за изработка и имплантација на целосно персонализиран 3Д-изработен назален имплант кај пациент кој го изгубил носот поради малигна болест. Ова достигнување претставува прв ваков случај опишан во Македонија, регионот, а можеби и во светот, велат од компанијата.

Познатите методи за реконструкција честопати даваат незадоволителни естетски и функционални резултати, и обично бараат повеќе интервенции во текот на животот на пациентот.

Уникатноста на овој пристап лежи во комбинацијата на forehead flap техниката со персонализиран имплант изработен со помош на 3Д печатење. Ваков пристап досега не е објавен во научната литература, поради што се верува дека може да биде прв во светот. Процесот започна во август 2025 година со детална анализа на предоперативните и постоперативните снимки на пациентот. Врз основа на тоа, тимот на 3DLoom пристапи кон дизајнирање на имплантот кој требаше да ја реплицира оригиналната форма и пропорции на носот на пациентот, земајќи предвид дека секој нос е уникатен, објаснуваат од 3DLoom.

За материјал бил избран полиметилметакрилат (коскен цемент) — материјал со докажана биокомпатибилност кој со децении се користи во медицината.

Бидејќи материјалот не може директно да се употреби во 3Д принтер, решението беше изработка на прецизни 3Д-печатени калапи во кои материјалот беше истуран и стврднат, добивајќи ја посакуваната комплексна геометрија на носот, вклучително и структурата на септумот. По повеќе итерации и прилагодувања, во јануари 2026 година беше изработен конечниот имплант, подготвен за хируршка употреба.

На 9 февруари 2026 година беше изведена првата операција. Проф. д-р Пејкова изработи forehead flap — емајќи дел од кожата на челото на пациентот. По четири недели, кога флапот воспостави сопствено крвоснабдување, на 9 март 2026 година беше изведена втората интервенција при која беше отсечена кожната петелка поврзана со челото. Резултатите се одлични, а пациентот изрази големо задоволство.

Овој случај е доказ дека напредната технологија за 3Д печатење, во комбинација со врвна медицинска експертиза, може значително да го подобри исходот и квалитетот на животот кај пациентите. 3DLoom изразува длабока благодарност до проф. д-р Пејкова и нејзиниот тим за укажаната доверба и за можноста да придонесат во овој пионерски проект, велат од 3DLoom.

3DLoom е компанија специјализирана за напредни решенија во областа на 3Д печатењето, со фокус на медицински апликации. Преку иновативен пристап и блиска соработка со медицински специјалисти, компанијата развива персонализирани решенија кои го подобруваат квалитетот на грижата за пациентите.