Психичката состојба на Штекли станува клучна точка во постапката против обвинетите
Психичката состојба на Штекли сега е во фокусот на судскиот процес за случајот поврзан со организирана трговија со дрога во скопската населба Аеродром. Главниот обвинет, Раде Трајковски, познат како Штекли, според одбраната страда од растројство со шизофрени карактеристики, халуцинации и параноидни идеи, што го прави неспособен да ја следи судската постапка.
Од друга страна, обвинителството приложи спротивен психијатриски извештај, според кој Трајковски е апсихотичен, но способен за учество во судењето. Судечкиот совет одлучи на следното рочиште на 3 септември да ги соочи вештаците и да донесе одлука дали процесот ќе продолжи со него или ќе се бара ново вештачење.
Во меѓувреме, четворица обвинети, меѓу кои и поранешниот директор на А репрезентацијата, Данчо Масев, признаа вина, а нивниот случај е раздвоен од главната постапка.
Обвинението ги опфаќа 10 лица и се базира на скоро годишна истрага на Обвинителството за гонење на организиран криминал, при што клучна алатка е американскиот софтвер „Cellebrite“ за анализа на мобилни телефони.
Според обвинителите, групата имала јасна хиерархија, од набавка и складирање до улична дистрибуција на дрога, чувана во изнајмени станови. Цената на кокаинот изнесувала 4.500 до 6.000 денари за грам, а марихуаната 200 до 300 денари.