Публиката скандираше „Артан Груби“

Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ викендов, на конвенцијата на Националната алијанса за интеграција (АКИ), предводена од ДУИ не одекнуваа само традиционалните партиски пароли и УЧК. Публиката скандираше„Артан Груби“, а за многумина, ова беше сигнал дека влијанието на поранешниот вицепремиер сè уште е силно, иако формално е отсутен од првите редови во партијата.

Ривалството меѓу Бујар Османи и Артан Груби трае одамна. Во едно интервју летово, Османи отворено кажа дека не ја презел улогата на „човекот кој секогаш стоел покрај Али Ахмети“, алудирајќи на Груби. Притоа додаде дека ваквиот монопол врз блискоста со лидерот бил штетен за партијата и дека токму тој модел мора да се надмине.

Неофицијални извори од партијата коментираат дека скандирањата на неговото име во салата не биле случајни. Според нив, тоа било порака до Османи дека дел од структурата и понатаму стои зад Груби.

Во јавноста дополнително кружат шпекулации дека токму Османи, во времето кога беше министер за надворешни работи, кај странски дипломати го посочувал Груби за наводни притисоци врз правосудството и користење фантомски медиуми. Опозициската коалиција „Вреди“ пак, го обвинува Османи дека и самиот имал контакти со Никола Груевски во Будимпешта, со што приказната добива уште пошироки димензии.

Аналитичарите оценуваат дека Бујар Османи се соочува со двоен предизвик: ако Груби јавно го поддржи, може да му наштети во односите со меѓународната заедница; ако пак му сврти грб, ќе го ослаби токму таму каде што му е најважно – во Чаир.