Со сослушување сведоци на Обвинителството, во судницата во „Идризово“ продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Општината реагирала, но без резултат
Општина Кочани навремено реагирала и се обидела да го спречи отворањето на дискотеката „Пулс“, но институциите не постапиле, сведочеше општинскиот службеник Драги Илиевски.
Тој посочи дека објектот се наоѓал во зоната Г2, наменета исклучиво за лесна и незагадувачка индустрија, каде не е дозволено отворање дискотека.
„Зоните не може да се менуваат… не е направена пренамена на тој објект“, рече Илиевски, додавајќи дека Општината го поништила првичното позитивно известување за паркинг откако дознала дека ќе се отвора ноќен клуб.
Покрај тоа, тогашниот градоначалник Ратко Димитровски се обратил до Министерството за економија и до Државниот пазарен инспекторат со барање да не се издаде лиценца за работа на дискотеката, но, како што беше посочено, не добиле одговор.
Без инспекциски надлежности
Илиевски нагласи дека неговиот сектор немал инспекциски надлежности и не можел да преземе дополнителни мерки откако објектот почнал со работа.
Во вкрстеното испитување, одбраната посочи дека нема доказ дека инвеститорот го примил известувањето за поништување на дозволата за паркинг и дека конечната дозвола ја издава Министерството за внатрешни работи.
На претходното рочиште сведочеше и Живко Ставревски од ДЗС, кој изјави дека до 2020 година не биле предвидени редовни инспекциски контроли во општини без инспектори, а Кочани немало таква покриеност.
Судењето продолжува со сослушување нови сведоци, преку кои Обвинителството се обидува да ја утврди одговорноста за системските пропусти што довеле до трагедијата.
