Министерството за здравство соопшти дека пунктовите за вакцинација во сите здравствени установи низ државата ќе работат во текот на денешниот ден.

Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат, како што посочуваат од Министерството, денеска ќе може да го направат тоа како и секој друг работен ден.

Во две смени, ќе работат пунктовите во Чаир, Јане Сандански, Букурешт и Бит Пазар. Во прва смена ќе работат Шуто Оризари, Драчево и Ченто.

Во анализата за минатонеделниот период, Министерството евидентира дека смртноста е 100 отсто кај невакцинирани, односно ниту еден од сите 25 починати од ковид-19 не бил вакциниран.

Од 3 497 граѓани кај кои е потврден коронавирусот во изминатите седум дена, од 6 до 12 август, 450 односно 12,8 отсто биле целосно вакцинирани, а 87,1 проценти или 3047 граѓани од позитивните не биле вакцинирани.

Министерството за здравство соопшти дека почнува на неделно ниво да прави редовни анализи за процентот на вакцинирани меѓу позитивните случаи и починатите од ковид-19 во државата и ќе ги објавува секој петок за да ја информира јавноста.

Притоа, за вакцинирани се сметаат лицата што примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од аплицирањето на втората доза.