Владата денеска го усвои Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, соопшти Министерството за здравство, оценувајќи дека станува збор за важен чекор за јавното здравје и за создавање поздрав, побезбеден и поодговорен јавен простор.
Од Министерството наведуваат дека законот е резултат на широк институционален процес, разговори со засегнатите страни, консултации со тутунската индустрија, угостителскиот сектор, надлежните институции, инспекциските органи, експертската јавност и поддршка од Светската здравствена организација.
Премиерот Христијан Мицкоски, на завршниот состанок со претставниците од тутунската индустрија и угостителскиот сектор пред неколку дена, изјави дека очекува, по усвојувањето од Владата, предлог-законот во најбрз можен рок да помине и во Собранието. Како што најави, законот ќе стапи во сила веднаш, со исклучок на одредбата според која угостителите треба да ги преадаптираат и пренаменат терасите на своите локали, за што им е даден рок од една година.
Мицкоски нагласи дека предложениот текст е компромисно решение, изготвено низ инклузивен процес и со консултации со сите засегнати страни, меѓу кои здруженија, производители, дистрибутери, хотелиери, сопственици на ресторани и ноќни клубови.
Претставниците на бизнис-секторот, според соопштението, потврдиле дека законот се креирал со партнерски пристап и изразиле благодарност за разбирањето од страна на Владата, која им даде 12 месеци за соодветно преуредување на терасите. Пушењето на нив ќе биде дозволено доколку се отворени од најмалку две страни.
Премиерот Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека очекуваат доследна примена на законот, со строги контроли и без повластени.
