Како што информираа мештани насипот на мостот на река Желевица целосно е саниран од десната оштетена страна, со што истиот како што повторно може да се користи.

-Со брзата интервенција на СД Транс од Делчево, на жителите повторно им е овозможено безбедно поминување преку мостот на реката за пристап до своите имоти, до селските гробишта и до туристичкиот локалитет Света Вода, истакнаа жители.

Додаваат дека останува потребата од регулација на речното корито на Желевица, од рибникот до влевањето во Брегалница, со што според нив трајно ќе се отстрани опасноста од идни поплави на селото и полето и оштетувања на мостот.
Оштетувањето на мостот во село Тработивиште беше еден од посериозните проблеми предизвикани од неодамнешниот зголемен водостој на реките, поради обилните врнежи од дожд што го зафатија делчевско. Како последица на обилните врнежи се излеа и реката Брегалница од мини во мајор коритото во урбаниот дел од градот, но не предизвика посериозни проблеми.
Критичните точки во градот, како што додадоа од Општината беа обезбедени со доволен број вреќи со песок, а на располагање за интервенција беше ставена и соодветна механизација.
Вон урбаниот дел, на одредени места имаше излевање на река Брегалница по должината на реката од с.Тработивиште до Делчево, како и на излезот од Делчево кај м.в. Брежје и Долни Бавчи, но не предизвика поголеми штети.
Активностите на Општина Делчево беа координирани со ЈКП „Брегалница“, РЦУК-Делчево, ДЗС-Делчево и месното население.