Кремљ тврди дека Москва е подготвена за директен дијалог, Киев изразува безбедносни резерви

Рускиот претседател Владимир Путин е отворен за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски со цел да се разговара за завршување на војната во Украина, соопшти денеска советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков. Тој нагласи дека Русија никогаш не ја исклучила можноста за директен дијалог на највисоко ниво и дека евентуалната средба треба да биде внимателно подготвена и насочена кон конкретни резултати.

Кремљ нуди разговори во Москва

Ушаков изјави дека доколку Зеленски е навистина подготвен за разговори, може да дојде во Москва, посочувајќи дека Путин ваквиот став го има изнесено во повеќе наврати. Тој додаде дека Русија е подготвена да ја гарантира безбедноста на украинскиот претседател за време на евентуалната посета. Изјавата ја даде за дописникот на државната телевизија од Кремљ, Павел Сарубин, а видеото беше објавено на Телеграм каналот на новинарот.

Киев гледа ризици, преговорите продолжуваат

Украинските власти сметаат дека патувањето на Зеленски во Москва е невозможно од безбедносни причини. Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, претходно изјави дека Зеленски е подготвен за директни разговори со Путин за најчувствителните прашања поврзани со завршувањето на војната. Во интервју за порталот „Европска правда“, Сибиха нагласи дека клучните точки за мировен договор, како територијалните прашања и статусот на нуклеарната централа Запорожје, сè уште остануваат нерешени.

Централата Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа, е под руска окупација од март 2022 година, кратко по почетокот на војната. Русија, пак, бара територијални отстапки од Украина како услов за прекин на огнот, особено повлекување на украинските сили од регионите Донецк и Луганск.

Во меѓувреме, за време на викендот, украински и руски преговарачи одржаа директни разговори во Обединетите Арапски Емирати со посредство на САД. Според најавите, разговорите треба да продолжат в недела во Абу Даби.