Новиот контакт меѓу Москва и Вашингтон предизвика лавина реакции во европските дипломатски кругови. Германскиот дипломат Кристоф Хојсген оцени дека рускиот претседател Владимир Путин повторно успеал да го одврати американскиот лидер Доналд Трамп од посилна поддршка за Украина.
Според Хојсген, рускиот претседател вешто ја користи секоја комуникација за да го спречи Трамп во носењето конкретни одлуки.
„Имам впечаток дека Путин секогаш успева да го манипулира Трамп. Секој пат кога Трамп изгледа решен да преземе радикални мерки за поддршка на Украина, Путин го одвраќа од тоа. Разочарувачки е“, изјави Хојсген за украинските медиуми.
Неговиот став го сподели и Стефан Мајстер, експерт во Германскиот совет за надворешни односи (DGAP), кој смета дека руското влијание се протега и врз клучните американски одлуки за оружје и санкции.
„На крајот на краиштата, нема ништо особено ново: Путин го држи Трамп во тупаница; Трамп нема да му воведе санкции, ниту ќе ѝ даде на Украина ‘Томахок’“, рече Мајстер.
Според него, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски сега покажува поголема подготвеност за разговори со Трамп, суштината не се менува.
„Во оваа смисла, има многу дискусии, но малку резултати,“ додаде Мајстер.
Контактите меѓу САД и Русија повторно се интензивираат – еден ден пред средбата меѓу Трамп и Зеленски во Вашингтон, на барање на руската страна, двајцата лидери имале телефонски разговор, по кој уследија спротивставени толкувања во Москва и Вашингтон.