Рускиот претседател Владимир Путин го обвини денеска Меѓународниот олимписки комитет (МОК) за политизирање на спортот во време кога сè уште не е јасно дали руските спортисти ќе можат да настапат на Игрите идното лето во Париз.

Доколку добијат зелено светло, руските спортисти, веројатно, ќе мораат да се натпреваруваат под неутрално знаме на претстојната Олимпијада. МОК сè уште нема донесено конечна одлука, но навести дека спортистите не треба да се казнуваат за делата на своите влади.

Минатата недела францускиот претседател Емануел Макрон порача дека на Игрите во Париз не би требало да се вее руското знаме.

Коментирајќи ја изјавата на Макрон, шефот на руската држава одговори повикувајќи се на идеалите на Французинот кој ги постави темелите на модерните Олимписки игри.

„Што се однесува до самото олимписко движење, би го рекол ова. Мислам дека денешното водство на меѓународните федерации, па и самиот МОК, ја искривуваат изворната идеја на Пјер де Кубертен – спортот треба да биде надвор од политиката“, рече Путин, одговарајќи на новинарско прашање на форум на далечниот исток на Русија.

Путин додаде дека изминатите неколку децении дошло до „неприфатлива комерцијализација“ на спорот, а Олимписките игри упаднале во замката на финансиските интереси.  (МИА)