Рускиот претседател на форумот во Санкт Петербург ја отвори вратата за дипломатско решение, Трамп ја отфрли иницијативата

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да посредува во конфликтот меѓу Иран и Израел, нудејќи договор кој би му овозможил на Иран да продолжи со мирољубива нуклеарна програма, додека истовремено би се гарантирала безбедноста на Израел. Идејата беше презентирана на средба со уредници на меѓународни медиуми за време на Економскиот форум во Санкт Петербург, објави Асошиејтед прес.

  • „Тоа е чувствително прашање, но според мене, можно е да се најде решение“, изјави Путин, истакнувајќи дека предлозите се веќе споделени со властите во Техеран, Тел Авив и Вашингтон. „Ништо не наметнуваме. Само го изнесуваме нашето гледиште за можен излез од ситуацијата. Но, одлуката е на политичките раководства, пред сè на Иран и Израел“, рече тој.

Трамп: „Владимир, среди си ја прво Русија“

И покрај телефонскиот разговор меѓу Путин и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, тој ја отфрли руската иницијатива.

  • „Му реков: ‘Направи ми услуга, посредувај прво во твојот сопствен конфликт’. Му реков: ‘Владимир, ајде прво да ја средиме Русија. За ова можеш подоцна да се грижиш’“, изјави Трамп, покажувајќи отстапување од претходната поддршка за руско посредување на Блискиот Исток.

Хамнеи одбива компромис, Москва гради реактори

Ајатолахот Али Хамнеи, врховниот лидер на Иран, претходно го одби повикот од САД за компромис, предупредувајќи дека секое американско воено мешање би донело „непоправлива штета“. Путин изјави дека Русија веќе соработува со Иран на нуклеарната централа во Бушер, каде работат над 200 руски инженери и дека се градат уште два нови реактори.

Истовремено, Москва понудила и одбранбени системи на Техеран, кои, според Путин, биле одбиени:

  • „Ние предлагавме систем, не само поединечни испораки, но Иран не покажа интерес“, изјави рускиот претседател.

Израел, пак, соопшти дека во меѓувреме успешно ги неутрализирал руските С-300 системи во Иран.

Украина, НАТО и Германија – Путин со низа предупредувања освен за Иран и Израел

Во однос на Украина, Путин го пофали Трамп за тврдењето дека би постигнал мир ако бил претседател во 2022 година, додавајќи дека конфликтот „можеби и немаше да започне“. Но, и покрај тоа, Русија продолжува со офанзиви, а предлогот за 30-дневно примирје од Трамп беше одбиен.

Путин бара Украина да ја прекине мобилизацијата и да се замрзне западната воена поддршка, велејќи:

  • „Нема да дозволиме Украина да има вооружени сили што би претставувале закана за Русија и нејзиниот народ. Ако не постигнеме договор, ќе ги реализираме целите по воен пат“.

Во однос на тврдењата за руски напади врз цивили во Украина, Путин изјави:

  • „Целите беа воените индустрии, не станбени објекти“, додека новинарите од АП известуваат за напади врз станбени згради, меѓу кои и деветкатница во Киев, со 28 жртви.

Путин исто така го предупреди Берлин да не испорачува ракети Таурус на Украина, тврдејќи дека тоа може да ја вклучи Германија во директен конфликт.

Светот присутен во Петербург, Западот отсутен

Иако западните делегации веќе втора година по ред го бојкотираат Економскиот форум во Санкт Петербург, присуствуваат бројни претставници од Азија, Африка и Латинска Америка. Меѓу нив се и Дилма Русеф, претседателка на Банката за развој на БРИКС, и индонезискиот претседател Прабово Субианто.